SKF ќе изврши преземање на Kaydon Corporation со седиште во САД

2013 септември 05, 09:00 CEST

Гетеборг, Шведска, 5 септември, 2013 година: SKF и Kaydon Corporation (NYSE:KDN) се согласија SKF да го преземе Kaydon со целосна парична трансакција во износ од околу 1,25 милијарди американски долари, вклучувајќи го нето-долгот од 95 милиони американски долари. Трансакцијата ќе се изврши преку постојните готовински и кредитни линии и ќе се акумулира според заработката на SKF во првата година.

Том Џонстон, претседателот и извршен директор на SKF објаснува „Долго време го следевме развојот на Kaydon. Тие имаат солидно портфолио со производи, цврсто раководство и солидни финансиски резултати и ме радува што наскоро ќе бидат дел од SKF Group. Комплементарната природа на нивните производи и технологии, нивното географско присуство и присуството кај клиентите и нивниот производствен капацитет ќе ни овозможат да ги опслужуваме нашите клиенти и дистрибутери во светскиот индустриски пазар уште подобро. Нашата цврста посветеност кон северноамериканскиот пазар особено се докажува со ова преземање, заедно со другите наши активности, инвестиции и преземања во последните неколку години“.

Kaydon е компанија којашто се бави со разнообразно индустриско производство во три различни деловни области: производи за контрола на триење (лежишта), производи за контрола на брзина и специјализирани производи, вклучително и услуги за заштита на животната средина. Kaydon има глобална распространетост, остварувајќи 62 % од продажбата во Северна Америка, 24 % во Европа, 12 % во Азиско-Тихоокеанскиот регион и 2 % во останатите делови на светот. Во 2012 година, компанијата во САД оствари продажба во вредност од 475 милиони американски долари, со приспособен оперативен профит од околу 16 % и повеќе од 2.100 вработени.

Џејмс Олири, претседавач и главен извршен директор на Kaydon Corporation изјави „Нашиот Одбор смета дека предложената трансакција претставува убедлива вредност за нашите акционери. Сметаме дека оваа трансакција е одлична за стратегијата на Kaydon, овозможувајќи им на нашите водечки дејности на пазарот да ги забрзаат своите стратегии за раст преку здружување на силите со глобалниот индустриски лидер SKF“.

Структура на зделката
SKF ќе иницира јавна понуда за преземање, со целосна исплата во готово за сите акции во оптек на Kaydon. Согласно условите од конечниот договор што беше едногласно одобрен од Одборите на директори на двете компании, SKF ќе започне јавна понуда за купување на сите акции во оптек на Kaydon по цена од 35,50 американски долари по акција, во готово. Јавната понуда за преземање што ќе започне на 16 септември 2013 г. подлежи на вообичаените услови, регулативни одобренија, како и на лицитацијата за барем мнозински дел од акциите во оптек што се дел од обичните акции на Kaydon. По завршувањето на јавната понуда за преземање, SKF ќе ги преземе сите преостанати акции преку присоединување со компанијата-ќерка по кратка постапка.

Трансакцијата претставува премија од 22 % во однос на цената на акциите на Kaydon во мигот на затворањето на берзата на 4 септември, 2013 година, премија од 21 % во однос на 30-дневната пондерирана средна цена и множител од 12,7 пати по заработката на Kaydon во последните дванаесет месеци без камати, даноци, девалвација и амортизација (98 милиони американски долари на 29 јуни, 2013 г.). Трансакцијата се очекува да се финализира во текот на четвртото тромесечје на 2013 г.

Моќно дополнување на SKF Group
Преземањето на Kaydon се совпаѓа со стратегијата на SKF за зајакнување на своите технолошки платформи, како компанија со знаење применето во инженерството. SKF очекува да постигне значителни синергии во наредните неколку години, со годишни синергии на трошоци од 30 милиони американски долари и синергии на продажби од 50 милиони американски долари.

Kaydon е комплементарна со тековната дејност на SKF и од аспект на производи и од географски аспект, а SKF ќе може:

  • подобро да ги опслужува клиентите во многу клучни индустрии на глобално ниво, со поцелосно портфолио од производи,
  • да нуди подобрени решенија и услуги со комбинацијата на комплементарните технологии на Kaydon и SKF,
  • да ги дистрибуира производите на Kaydon преку мрежата на дистрибутери на SKF низ целиот свет,
  • да ја користи северноамериканската производствена инфраструктура на Kaydon.

Соединувањето на Kaydon Corporation со SKF Group би овозможило зголемување на планираната продажба за целата 2012 година од 64,6 милијарди шведски круни на околу 67,7 милијарди шведски круни и зголемување на приспособениот оперативен профит од 7,3 милијарди шведски круни на околу 7,8 милијарди шведски круни. Следствено, со планираната состојба за првата половина од 2013 година, профитот на SKF ќе се зголеми од 31,5 милијарди шведски круни на околу 33 милијарди шведски круни, а приспособениот оперативен профит од 3,3 милијарди шведски круни на околу 3,5 милијарди шведски круни.

Резиме на Kaydon Corporation
Kaydon Corporation е водечки дизајнер и производител на лежишта и производи за контрола на брзина, како што се индустриски амортизери, гасни амортизери и производи за изолирање вибрации. Во нивните специјализирани производи спаѓаат филтри и системи за филтрирање, приспособени прстени и заптивки, како и услуги за заштита на животната средина. Клиентите ги користат овие производи во разни индустрии, од авионската, одбранбената и медицинската, до индустријата за полупроводници, ветерна енергија, ракување со материјали и алатни машини.
  • Kaydon е лидер во категориите на своите производи, како што се разделени лежишта и лежишта со тенок пресек, нудејќи врвно конструирани производи од суштинско значење за перформансите.
  • Брендовите и водечките технологии на Kaydon признаени од индустријата опслужуваат глобални пазарни сегменти од висока вредност. 
  • Понудата со производи на Kaydon е исклучително комплементарна со портфолиото од производи на SKF и ќе ја зголеми понудата на SKF за нејзините клиенти низ светот.
  • Kaydon опслужува неколку сегменти кои се помалку застапени во тековната база со клиенти на SKF и нуди можност за проширување на понудата со производи на SKF за тие клиенти.
  • Kaydon имаше долга историја на успеси со солидни финансиски резултати, висок профит и готовински промет.

Резиме на SKF Group
Групацијата SKF е водечки глобален снабдувач на производи, решенија и услуги во областа на
тркалачки лежишта, заптивки, мехатроника, услуги и системи за подмачкување. Услугите
опфаќаат техничка поддршка, услуги за одржување, следење на состојба, оптимизација на ефикасноста
на средствата, инженерско советување и обука.

SKF има околу 140 производствени локации во 28 земји и е застапена во повеќе од 130 земји преку сопствените компании за продажба и повеќе од 15.000 локации на дистрибутери. Годишните приходи од продажбата во 2012 година изнесуваа 64.575 милиони шведски круни, а бројот на вработени изнесуваше 46.775.

J.P. Morgan е ексклузивен финансиски советник на SKF, а Reed Smith обезбедува правни совети.

За повеќе информации, контактирајте со:
Телефон за медиуми: +46 31 337 2400
Односи на SKF со јавност: Ребека Џензон, +46 31-337 3880; +46 727-173 880; rebecca.janzon@skf.com
Односи на SKF со инвеститори: Марита Бјорк, +46 31-337 1994; +46 705-181 994; marita.bjork@skf.com
Претставник за информации во врска со јавната понуда за преземање:
Ден Брч, +1 212-929-5748, +1 516-429-2721, dburch@mackenziepartners.com
Чарли Кунс, +1 212-929-5708, +1 917-545-4523, ckoons@mackenziepartners.com


На 5 септември 2013 г. во 10 часот по средноевропско време, а 9 часот во Обединетото Кралство, ќе се одржи телеконференција за медиуми, инвеститори и аналитичари:
Шведска: +46 (0)8 506 307 79
Обединето Кралство: +44 (0)844 571 8957
САД: +1 866 682 8490


Aktiebolaget SKF
(publ)


Согласно Законот за пазари на хартии од вредност и/или Законот за тргување со финансиски инструменти, AB SKF е должна да ги објави информациите наведени овде. Информациите беа поднесени за објавување во 9 часот по средноевропско време на 5 септември, 2013 г.


SKF е водечки глобален снабдувач на лежишта, заптивки, мехатроника, системи за подмачкување и услуги како што се техничка поддршка, услуги за одржување и надежност, инженерско советување и обука. SKF има свои застапништва во повеќе од 130 земји и околу 15.000 продажни места низ светот. Годишните приходи од продажбата во 2012 година изнесуваа 64.575 милиони шведски круни, а бројот на вработени изнесуваше 46.775. www.skf.com 

® SKF е регистриран заштитен знак на SKF Group.



Предупредување

Ова соопштение за печат содржи изјави што се дадени во очекување, согласно одредбите за ограничување одговорност во Законот за реформа на судските парници за хартии од вредност од 1995 година, односно изјави што се базирани на верувањата и претпоставките на раководните лица. Во некои случаи, изјавите дадени во очекување можете да ги идентификувате преку термините како што се „може“, „ќе“, „треба“, „би“, „би можело“, „очекува“, „планира“, „замислува“, „верува“, „пресметува“, „проценува“, „предвидува“, „потенцијал“ и слични изрази. Таквите изјави, вклучително и изјавите за очекувањата на SKF за идното работење на Kaydon Corporation, идните можности поврзани со преземањето и успехот на интеграцијата на Kaydon во дејноста на SKF не се сметаат за историски факти, туку за изјави дадени во очекување, согласно сојузните закони за хартии од вредност. Таквите изјави дадени во очекување подлежат на одредени ризици и несигурности поради кои вистинските резултати можат материјално да се разликуваат од директните или индиректните резултати. Ги предупредуваме читателите да не се потпираат неосновано на овие изјави дадени во очекување, кои се актуелни само на овој датум. Во таквите ризици и несигурности спаѓа и можноста SKF да не ја финализира трансакцијата со Kaydon, да има промени во економските, пазарните и конкурентските услови, промени во надлежните регулаторни органи и други владини дејства, флуктуирања на девизните курсеви и други фактори што се спомнуваат во најновиот годишен извештај на SKF (достапен на www.skf.com) во делот Административен извештај; „Важни фактори што влијаат врз финансиските резултати“, „Финансиски ризици“ и „Анализа на чувствителност“ и во годишниот извештај на SKF во делот „Ризици и несигурности во дејноста“. Не преземаме обврска јавно да менуваме или да ажурираме каква било изјава што била дадена во очекување, освен ако тоа го бара законот.


ЈАВНАТА ПОНУДА ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ ОПИШАНА ВО ОВА СООПШТЕНИЕ („ПОНУДАТА“) СÈ УШТЕ НЕ Е ЗАПОЧНАТА, А ОВА СООПШТЕНИЕ НЕ Е НИТУ ПОНУДА ЗА КУПУВАЊЕ НИТУ БАРАЊЕ ЗА ПОНУДА ЗА ПРОДАВАЊЕ КАКВИ БИЛО АКЦИИ ОД АКЦИСКИОТ КАПИТАЛ НА KAYDON CORPORATION („KAYDON“) ИЛИ КАКВИ БИЛО ДРУГИ ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ. НА ДЕНОТ НА ЗАПОЧНУВАЊЕ НА ПОНУДАТА, ИЗЈАВАТА ЗА ЈАВНА ПОНУДА ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ, ВКЛУЧИТЕЛНО И ПОНУДАТА ЗА КУПУВАЊЕ, ПИСМОТО ЗА ПРЕНЕСУВАЊЕ И ПОВРЗАНИТЕ ДОКУМЕНТИ ЌЕ БИДАТ НАВРЕМЕНО ДОСТАВЕНИ ДО КОМИСИЈАТА ЗА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ („КХВ") НА СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ. ПОНУДАТА ЗА КУПУВАЊЕ АКЦИИ ОД АКЦИСКИОТ КАПИТАЛ НА KAYDON ЌЕ СЕ ИЗВРШИ ЕДИНСТВЕНО СОГЛАСНО ПОНУДАТА ЗА КУПУВАЊЕ, ПИСМОТО ЗА ПРЕНЕСУВАЊЕ И ПОВРЗАНИТЕ ДОКУМЕНТИ ПОДНЕСЕНИ ВО УТВРДЕНИОТ РОК. ИЗЈАВАТА ЗА ЈАВНА ПОНУДА ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ ЌЕ СЕ ПОДНЕСЕ ДО КХВ ОД СТРАНА НА ATLAS MANAGEMENT, INC. („ATLAS“) ФИЛИЈАЛА ВО ЦЕЛОСНО СОПСТВЕНИШТВО НА AB SKF И DUBLIN ACQUISITION SUB INC., А KAYDON Е ОБВРЗАНА ДА ПОДНЕСЕ ИЗЈАВА ЗА БАРАЊЕ/ПРЕПОРАКА ДО КХВ. ПРЕПОРАЧУВАМЕ ИНВЕСТИТОРИТЕ И СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ ДА ЈА ПРОЧИТААТ ИЗЈАВАТА ЗА ЈАВНА ПОНУДА ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ КОГА ЌЕ БИДЕ ДОСТАПНА, БИДЕЈЌИ СОДРЖИ ВАЖНИ ИНФОРМАЦИИ И МОЖЕ ДА СЕ МЕНУВА ОД ВРЕМЕ НА ВРЕМЕ. ИНВЕСТИТОРИТЕ И СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ МОЖАТ ДА ДОБИЈАТ БЕСПЛАТНА КОПИЈА ОД ОВИЕ ИЗЈАВИ (ДОКОЛКУ ИМА) И ДРУГИ ДОКУМЕНТИ ПОДНЕСЕНИ ДО КХВ НА НЕЈЗИНАТА ВЕБ-ЛОКАЦИЈА WWW.SEC.GOV ИЛИ ДА ГИ УПАТАТ ТАКВИТЕ БАРАЊА ДО MACKENZIE PARTNERS INC. на тел. (212) 929-5500 или на бесплатната телефонска линија (800) 322-2885.


- КРАЈ -

Преземете го промотивниот материјал за медиуми

Промотивен материјал за медиуми (76.6 KB)

SKF logo