Известување за Генерално годишно собрание на SKF

2014 февруари 24, 13:00 CET

Гетеборг, 24 февруари 2014 година: Ве известуваме дека Генералното годишно собрание на Aktiebolaget SKF ќе се одржи во SKF Kristinedal, Byfogdegatan 4, Гетеборг, Шведска, во 13.00 ч. во петок, 28 март 2014 година. Вратите се отворени од 11.00 ч. Пред Генералното годишно собрание ќе се послужуваат освежителни пијалаци, во периодот од 11.00 до 12.15 часот.

Генерално годишно собрание
За да имаат право да учествуваат во собранието, акционерите мора да се запишани во акционерската книга што ја води Euroclear Sweden AB до петок, 21 март 2014 година и мора да ја известат компанијата најдоцна до понеделник, 24 март 2014 година со писмо до AB SKF, c/o Computershare AB, Box 610, SE-182 16 Danderyd, Sweden или преку веб-локацијата на компанијата www.skf.com или на телефон +46 31 337 25 50 (од 09.00 до 16.00 часот). Кога акционерите ја известуваат компанијата (се препорачува писмено известување) треба да наведат име, адреса, телефонски број, регистрирано акционерство и советници, доколку има. Во случај кога акционерите ги застапува полномошник, до компанијата треба да се испрати оригиналот од формуларот за полномоштво пред Генералното годишно собрание. Акционерите чиишто акции се регистрирани на име на полномошник мора да ги имаат регистрирано акциите привремено на нивно име за да учествуваат во собранието. Секоја таква повторна регистрација со цел добивање гласачки права ќе се изврши за да може акционерот да се запише во акционерската книга до петок, 21 март 2014 година. Тоа значи дека доволно време пред тој датум, акционерот треба да го извести полномошникот дека сака да биде запишан/а во акционерската книга.

Агенда
1. Отворање на Генералното годишно собрание.
2. Избор на Претседавач на собранието.
3. Составување и одобрување на списокот за гласање.
4. Одобрување на агендата.
5. Избор на лица за проверка на записникот.
6. Заклучок дали собранието било соодветно одржано.
7. Претставување годишен извештај и ревизорски извештај, како и консолидирани сметки и ревизорски извештај за Групацијата.
8. Обраќање на Претседателот.
9. Усвојување биланс на успех и биланс на состојба, како и консолидиран биланс на успех и консолидиран биланс на состојба.
10. Решение во врска со распределбата на добивката.
11. Ослободување од одговорност на членовите на Одборот и Претседателот.
12. Предлогот на Одборот на директори околу измена на Статутот на компанијата.
13. Утврдување на бројот на членови на Одборот и бројот на заменици-членови.
14. Утврдување хонорар за Одборот на директори.
15. Избор на членови и заменици-членови на Одборот, вклучително и Претседавач на Одборот на директори.
16. Утврдување хонорар за ревизорите.
17. Предлогот на Одборот на директори за одлука околу принципите за надомест за Раководството на Групацијата.
18. Предлогот на Одборот на директори за усвојување на Програмата на SKF за доделување акции за постигнатите резултати во 2014 година.
19. Решение во врска со Кандидационата комисија.

Предлог за точка 10
Одборот на директори предлага дивиденда од 5,50 шведски круни по акција за финансиската 2013 година. Се предлага акционерите со удели запишани во среда, 2 април 2014 година да имаат право да ја добијат предложената дивиденда. Во зависност од одлуката на Генералното годишно собрание во врска со овој предлог, се очекува Euroclear да ја распредели дивидендата во понеделник, 7 април 2014 година.

Предлози за точките 2, 13, 14, 15 и 16
Кандидационата комисија формирана согласно одлуката на Генералното годишно собрание во 2013 година да ги претставува сите акционери на компанијата се состои од Претседавачот на Одборот на директори, претставници на Foundation Asset Management, Alecta, Skandia Liv и AFA Insurance, акционери кои заедно претставуваат речиси 40 % од гласовите од вкупниот број акции на компанијата. Кандидационата комисија ја информираше компанијата за следниот предлог (дополнително, Кандидационата комисија ја информираше компанијата дека пред Генералното годишно собрание, Кандидационата комисија има намера да предложи дополнителен женски член на Одборот со меѓународно индустриско искуство). 

• дека Леиф Естлинг е избран за Претседавач на Генералното годишно собрание;

• дека Одборот на директори ќе се состои од десет членови и нема да има заменици-членови. Предложениот број членови може да се зголеми на единаесет бидејќи Кандидационата комисија има намера да предложи дополнителен член на Одборот;

• дека Одборот на директори за периодот до крајот на следното Генерално годишно собрание ќе добива надомест според следново:

а) фиксен надомест од 1.440.000 шведски круни за Претседавачот на Одборот на директори и 495.000 шведски круни за секој од останатите членови на Одборот избрани на Генералното годишно собрание, а кои не се вработени во компанијата;

б) променлив надомест согласно вредноста пресметана според даденото подолу, на бројот на акции од серија B во компанијата чијашто вредност по Генералното годишно собрание ќе достигне 400.000 шведски круни што ќе ги добие Претседавачот и бројот на акции од серија B во компанијата чијашто вредност по Генералното годишно собрание ќе достигне 137.500 шведски круни што ќе ги добие секој од останатите членови на Одборот; и
в) ќе се распредели надомест за работата на комисиите во износ од 918.000 шведски круни; 210.000 шведски круни за претседавачот на Ревизорската комисија, 150.000 шведски круни за секој од останатите членови на Ревизорската комисија, 120.000 шведски круни за претседавачот на Комисијата за надомест и 96.000 шведски круни за секој од останатите членови на Комисијата за надомест.

Предуслов за добивање надомест е членот на Одборот да биде избран на Генералното годишно собрание и да не биде вработен во компанијата.

При одлучувањето околу износот на променливиот надомест, (i) бројот на акции ќе се утврди со делење на износот од 400.000 шведски круни и износот од 137.500 шведски круни, соодветно, со просечната последна стапка на исплата за акција од серија B според котациите на NASDAQ OMX Stockholm AB во текот на петте дена на тргување веднаш по денот на кој се тргувало со акцијата, без право да се добие дивиденда во 2014 година и (ii) вредноста на акција од серија B ќе се одреди на нејзината просечна последна стапка на исплата според котациите на NASDAQ OMX Stockholm AB во текот на петте дена на тргување по објавувањето на соопштението за печат на компанијата за финансиската 2014 година;

• повторно избирање на членовите на Одборот Леиф Естлинг, Ула Лицен, Том Џонстон, Лена Трешов Торел, Питер Графонер, Ларс Веденборн, Џо Локри, Јоуко Карвинен и Баба Калјани. Се предлага новоизбраниот член да биде Хок Гоу. Се предлага Леиф Естлинг да биде Претседавач на Одборот на директори. Хок Гоу беше оперативен партнер на Baird Capital Partners Asia, од 2005 до 2012 г. и држеше повеќе високи раководни позиции во Schlumberger Limited, од 1995 до 2005 г. Хок Гоу е претседавач на Одборот на Advent Energy Limited и MEC Resources, член на Одборот на Stora Enso Oyj, Santos Australia и BPH Energy. Хок Гоу е дипломиран машински инженер на Универзитетот Монаш, Австралија и ја има завршено Програмата за напредно управување на INSEAD (презентација на предложениот член на одборот може да се најде на веб-локацијата на компанијата www.skf.com); и

• дека ревизорот се плаќа за извршената работа според одобрената фактура.

Предлог за точка 12
Со оглед на намерата на Кандидационата комисија да предложи дополнителен член на Одборот пред одржувањето на Генералното годишно собрание, Одборот на директори предлага Генералното годишно собрание да одлучи членот 8 од Статутот на компанијата да се измени на следниов начин:

Сегашен текст
§ 8
Покрај специјално назначените членови и заменици, Одборот на директори на компанијата ќе се состои од најмалку пет, а најмногу десет члена, со најмногу пет заменици.
Предложен текст
§ 8
Покрај специјално назначените членови и заменици, Одборот на директори на компанијата ќе се состои од најмалку пет, а најмногу дванаесет члена, со најмногу пет заменици.

Предлог за точка 17
Одборот на директори одлучи до Генералното годишно собрание да ги поднесе следниве принципи за надомест за Раководството на Групацијата SKF.

Раководството на Групацијата се дефинира како претседателот и останатите членови на тимот на раководството.

Предлогот на Одборот на директори е надоместокот за членовите на Раководството на Групацијата да се заснова врз условите на конкурентскиот пазар и истовремено да ги поддржува најдобрите интереси на акционерите. Вкупниот пакет за надомест за член на Раководството на Групацијата ќе се состои првенствено од фиксна плата, променлива плата, акции доделени за постигнатите резултати, придонеси за пензиско осигурување, услови за известување за прекинување на работниот однос и отпремнина, но и други придобивки како што е службен автомобил. Целта на принципите за надомест е да се обезбеди дека Групацијата SKF може да ги привлече и да ги задржи најдобрите луѓе за поддршка на мисијата и деловната стратегија на Групацијата SKF.

Фиксната плата ќе биде на ниво на конкурентскиот пазар. Способноста, одговорноста и успехот ќе се земат предвид при утврдувањето на фиксната плата.

Променливата плата се утврдува според програмата за постигнати резултати, а максималната променлива плата е ограничена на одреден процент од фиксната годишна плата, движејќи се меѓу 40 и 70 %.

Одборот на директори предлага на Генералното годишно собрание да се усвои Програмата на SKF за доделување акции за постигнатите резултати во 2014 година. Се предлага програмата да опфати најмногу 310 високи раководители и клучен персонал на Групацијата SKF со можност бесплатно да добијат акции на SKF од серија B. (Видете точка 18 подолу.)

SKF се стреми да воспостави пензиски планови засновани врз дефинирани модели за придонеси.

Член на раководството на Групацијата може да го прекине својот работен однос известувајќи за прекинот шест месеци претходно. Во случај кога компанијата бара прекинување на работниот однос, истиот се прекинува веднаш. Меѓутоа, во овој случај ќе се исплати отпремнина според бројот на годините поминати во компанијата, под услов отпремнината да не изнесува повеќе од фиксната плата за две години.

Исто така, Одборот на директори предлага Генералното годишно собрание да донесе одлука за овластување на Одборот на директори, за во одредени случаи да отстапува од принципите за надомест утврдени од Генералното годишно собрание.

Предлог за точка 18
Историјат
На Генералното годишно собрание во 2008 година, Групацијата SKF воведе долгорочна Програма за доделување акции за постигнатите резултати на високите раководители и клучниот персонал (Програмата на SKF за доделување акции за постигнатите резултати во 2008 година). Од 2008 година, Генералното годишно собрание секоја година усвојува програма за доделување акции за постигнатите резултати. Всушност, за сите досегашни програми важат истите одредби и услови.

Програма на SKF за доделување акции за постигнатите резултати во 2014 година
Со цел да се продолжи со поврзување на долгорочните интереси на учесниците и на акционерите, Одборот предлага на Генералното годишно собрание да се усвои Програмата на SKF за доделување акции за постигнатите резултати во 2014 година. Одредбите и условите на предложената Програма на SKF за доделување акции за постигнатите резултати во 2014 година се всушност истите одредби и услови на претходните програми на SKF за доделување акции за постигнатите резултати.

Се предлага со програмата да се опфатат најмногу 310 високи раководители и клучен персонал на Групацијата SKF со можност бесплатно да добијат акции на SKF од серија B, во согласност со следниве основни услови и насоки.

Согласно програмата, може да се доделат вкупно (но не повеќе од) 1.000.000 акции на SKF од серија B. Бројот на акции што може да се доделат мора да има врска со степенот на успех според целното ниво за вкупна додадена вредност (TVA), како што е дефинирано од Одборот на директори за финансиската 2014 година и развојот на TVA за финансиската 2016 година спореден со финансиската 2014 година. TVA е поедноставен, економски модел за додадена вредност што промовира поголем оперативен профит, ефикасност на капиталот и профитабилен раст. TVA е оперативниот профит, без трошокот за капиталот пред оданочување во земјата во која се одвива работата.

Врз основа на TVA за финансиската 2014 година, учесниците во програмата може прво да добијат одреден број акции по лице, но тој број да не го надминува следниов број на акции по лице во рамки на различните клучни групи:

Претседател и главен извршен директор – 10.000 акции
Претседатели на деловни сегменти и извршен потпретседател – 5.000 акции
Други членови на Раководството на Групацијата – 3.500 акции
Раководители на големи деловни единици и други високи раководители – 1.250 - 1.800 акции

По изминувањето на финансиската 2016 година, се прави споредба меѓу TVA за финансиската 2014 година и TVA за финансиската 2016 година. Развојот на TVA меѓу двете финансиски години се изразува во проценти. Конечниот број на доделени акции се утврдува според првичниот број на доделени акции помножен со развојот на TVA изразен во проценти. Доколку развојот е позитивен, учесниците ќе добијат зголемен број на акции при конечното доделување во споредба со првично доделениот број на акции, а доколку развојот е негативен учесниците ќе добијат намален број на акции при конечното доделување во споредба со првично доделениот број на акции. Меѓутоа, конечниот број на доделени акции не смее да надмине 200 % од првичниот број на доделени акции по лице. Според тоа, учесниците во програмата можат да добијат не повеќе од следниов број на конечно доделени акции по лице во рамки на различните клучни групи:
Претседател и главен извршен директор – 20.000 акции
Претседатели на деловни сегменти и извршен потпретседател – 10.000 акции
Други членови на Раководството на Групацијата – 7.000 акции
Раководители на големи деловни единици и други високи раководители – 2.500 - 3.600 акции

Учесниците нема да обезбедат никаков надомест за нивните права во програмата.

Учесниците ќе добијат надомест во готово, еднаков на дивидендата исплатена во текот на тригодишниот пресметковен период.

Вообичаено, за доделувањето на акции е потребно лицата опфатени со програмата да бидат вработени во Групацијата SKF во текот на целиот пресметковен период. Доколку се исполнети сите услови од Програмата на SKF за доделување акции за постигнатите резултати во 2014 година, доделувањето на акциите ќе се изврши бесплатно по изминувањето на тригодишниот пресметковен период, т.е. во текот на 2017 година.

Одборот на директори има право да воведе алтернативно решение за мотивирање на вработените во земјите каде учеството во Програмата на SKF за доделување акции за постигнатите резултати во 2014 година е несоодветно. Таквото алтернативно решение за мотивирање ќе се формулира, колку што е тоа практично можно, да ги има истите услови како Програмата на SKF за доделување акции за постигнатите резултати во 2014 година.

Компанијата има 455.351.068 акции од 31 јануари 2014 година. Заради усогласеност со обврските од Програмата на SKF за доделување акции за постигнатите резултати во 2014 година, потребни се максимум 1.000.000 акции од серија B што сочинуваат приближно 0,2 % од вкупниот број акции во оптек.

Под претпоставка дека ќе се додели максималниот број акции според Програмата на SKF за доделување акции за постигнатите резултати во 2014 година, со цена од 150 шведски круни по акција, пресметаните трошоци (заедно со трошокот за социјално осигурување) ќе изнесуваат приближно 180 милиони шведски круни. Врз основа на цена од 200 шведски круни по акција, пресметаните трошоци (заедно со трошокот за социјално осигурување) ќе изнесуваат приближно 240 милиони шведски круни. Дополнително, пресметаните административни трошоци ќе изнесуваат околу 2 милиони шведски круни.

Во моментов, Одборот на директори не предлага да се преземе какво било дејство за ограничување на обврските на Групацијата SKF што произлегуваат од програмата. Доделувањето на акции според програмата нема да се изврши пред 2017 година.

Услови за мнозинство
За да биде важечка одлуката во врска со предлогот на Одборот на директори на Генералното годишно собрание, потребно е одлуката да ја поддржат акционери со повеќе од половина од гласовите или, во случај на изедначено гласање, претседавачот треба да го искористи неговиот глас.

Предлог за точка 19
Кандидационата комисија ја информираше компанијата дека на Генералното годишно собрание ќе му предложи да го усвои следново:

1. дека компанијата ќе има Кандидациона комисија формирана од по еден претставник од четирите најголеми акционери според поседуваниот број на гласови, како и од претседавачот на Одборот на директори. При формирањето на Кандидационата комисија на последниот банкарски ден во август 2014 година акционерствата ќе утврдат кои акционери се најголеми според поседуваниот број на гласови. Имињата на четирите претставници на акционерите ќе се објават веднаш по изборот на претставниците, но не подоцна од шест месеци пред Генералното годишно собрание во 2015 година. Кандидационата комисија ќе остане на функција додека да се назначи нова Кандидациона комисија;

2. во случај кога акционерот застапуван од членот повеќе нема да биде еден од четирите најголеми акционери според бројот на поседувани гласови, таквиот член, доколку Кандидационата комисија тоа го смета за соодветно, може да поднесе оставка, а на претставникот на акционерот што е следен по големина според бројот на поседувани гласови ќе му се понуди можност да биде избран на негово/нејзино место;

а во случај кога претставник на акционерот повеќе не го застапува акционерот, од акционерот се бара да избере нов претставник за да стане член на Кандидационата комисија;

3. дека Кандидационата комисија ќе поднесе предлози за следниве прашања што ќе му бидат презентирани за усвојување на Генералното годишно собрание во 2015 година:

а) предлог за Претседавач на Генералното годишно собрание
б) предлог за Одбор на директори
в) предлог за Претседавач на Одборот на директори
г) предлог за надомест за Одборот на директори
д) предлог за надомест за ревизорот
ѓ) предлог за Кандидациона комисија пред Генералното годишно собрание во 2015 година; и

4. дека Кандидационата комисија, кога ќе ги извршува своите должности, ќе ги исполнува задачите предвидени за Кандидационата комисија според шведскиот Закон за корпоративно управување, меѓу другото и за да ѝ обезбеди одредени информации на компанијата за да ѝ овозможи да ја исполни својата обврска за информирање согласно Законот.
_______________

Број на акции и гласови и документација
Во моментот на објавување на ова известување, вкупниот број на акции во компанијата изнесува 455.351.068, што ги сочинуваат 42.420.300 акции од серија A и 412.930.768 акции од серија B, со вкупен број од 80.237.546 гласови. Компанијата не поседува сопствени акции.

Целиот предлог на Одборот на директори според точка 17 и 18 од агендата и промислената изјава на Кандидационата комисија се достапни во компанијата и на веб-локацијата на компанијата www.skf.com и ќе им бидат испратени на акционерите што ќе ги побараат и ќе ја наведат својата адреса.

Информирање на Генералното годишно собрание итн.
На барање на кој било акционер и во случај кога Одборот на директори смета дека тоа може да се направи без да се нанесе значителна штета на компанијата, Одборот на директори и Претседателот ќе обезбедат информации за секакви околности што можат да влијаат врз оценувањето на некое прашање од агендата, како и информации за секакви околности што можат да влијаат врз оценувањето на финансиската позиција на компанијата или на нејзина филијала и на односот на компанијата со други компании од групацијата. Сите заинтересирани за поставување прашања однапред, можат да ги испратат прашањата преку пошта до AB SKF, Att. General Counsel, SE-415 50 Göteborg, Sweden, или преку е-пошта на: chairman@skf.com.

Финансискиот извештај на SKF на англиски јазик на интернет ќе се објави на 5 март, 2014 година.

Формулари за полномоштво ќе бидат достапни на веб-локацијата на компанијата www.skf.com, а може да се побараат и со писмо до AB SKF, c/o Computershare AB, Box 610, SE-182 16 Danderyd, Sweden или на телефон +46 31 337 25 50.

Aktiebolaget SKF
(публ.)

Одборот на директори


Посетете ја фабриката на SKF во Гомлестодан, Гетеборг
Акционерите се добредојдени да ја посетат фабриката на SKF во Гомлестодан, Гетеборг, по повод Генералното годишно собрание, веднаш по завршувањето на Генералното годишно собрание или пак на 3 април, 2014 година во 09.00 часот. Ве молиме кога ќе ја известувате компанијата дека ќе присуствувате на Генералното годишно собрание, истовремено да ја известите и дека сакате да учествувате во посетата на фабриката. Имајте предвид дека бројот на учесници е ограничен.


За повеќе информации, контактирајте со:
Телефон за медиуми: +46 31 337 2400
Односи со новинари: Ребека Јанзон, +46 31-337 3880; +46 727-173 880; rebecca.janzon@skf.com
Односи со инвеститори: Марита Бјорк, +46 31-337 1994; +46 705-181 994; marita.bjork@skf.com



SKF е водечки глобален добавувач на лежишта, заптивки, мехатроника, системи за подмачкување и услуги во кои спаѓаат техничка поддршка, услуги за одржување и надежност, инженерско советување и обуки. SKF има свои претставништва во повеќе од 130 земји и околу 15.000 продажни места во светот. Годишниот приход од продажбата во 2013 година изнесуваше 63.597 милиони шведски круни, а бројот на вработените изнесуваше 48.401. www.skf.com

® SKF е регистриран заштитен знак на SKF Group.




Преземете го промотивниот материјал за медиуми

Промотивен материјал за медиуми (157 KB)

SKF logo